Мали семиња – големи здравствени придобивки
Големите здравствени придобивки од малите семиња
Cемињата како лен, сусам, чиа, семки од тиква и сончоглед, се важен дел од здравата исхрана, и за среќа, тие се сè поприсутни на трпезите на оние кои што се грижат за своето здравје. Тие помагаат да ја внесете потребната дневна доза на протеини, есенцијални хранливи материи, а воедно и значително помагаат за превенција на многу болести. Доколку ги јадете секој ден, тие ќе бидат вашиот природен извор на енергија.
Разните видови семиња се значајни најмногу заради големата количина на хранливи влакна што ги содржат. Хранливите влакна се драгоцени за добро дигестивно здравје, тие постепено го подигаат шеќерот во крвта што се одразува со зголемена енергија после јадењето. Друга важна компонента која ја содржат семињата се здравите масти, поточно омега 3 масни киселини. Овие масти помагаат во намалувањето на ризикот од појава на срцеви заболувања, депресија, деменција и артритис. Исто така, омега 3 масните киселини се од голема важност за развојот и функцијата на мозокот.
Ќе наброиме некои од најчесто употребуваните семиња кои што одлично се комбинираат во вкусен и многу хранлив микс и можат да се додадат во секаков вид на јадење, салати, во јогурт или смути. Комбинацијата од лен, сусам, сончоглед и семки од тиква е богат извор на здрави масти, протеини, јагленохидрати, минерали и витамини. Семињата не само што ќе го зголемат квалитетот на храната, туку и значително ќе го подобрат вкусот на јадењето. Дневно препорачана доза е 1 до 2 големи лажици.
Ленено семе
Лененото семе е помеѓу првите кои што го добија статусот на супер храна. Тоа е најдобар извор на растворливи растителни влакна кои што овозможуваат регулирање на шеќерот во крвта и апетитот. Лигнаните кои ги содржи лененото семе се смета дека го намалуваат ризикот од рак. Исто така, лененото семе е и богат извор на омега-3 масни киселини кои делуваат противвоспалително на организмот.
Сусам
Придобивките од сусамот се познати од многу одамна, а неговиот вкус му дава богата арома на јадењата. Сусамот е драгоцен извор на калциум, цинк, растителни влакна, железо и витамин Б1. Лигнаните што ги содржи го намалуваат холестеролот во крвта и го штитат црниот дроб. Исто така, сусамот го успорува стареењето, го подобрува здравјето на коските, поседува антиканцерогени својства и го подобрува расположението.
Семки од сончоглед
Семките од сончоглед содржат соединенија на полифенол и хлорогенична киселина, а тие се природни антиоксиданси. Сончогледот е богат извори на Б комплекс витамините, како ниацин, фолна киселина, тијамин, пантотенска киселина (Б5), пиридоксин (Б6) и рибофлавин. Сончогледот исто така содржи и витамин Е, бета каротин и други витамини во помали количини.
Семки од тиква
Семките од тиква содржат големи количества на железо, магнезиум, цинк и витамин К. Според едно холандско истражување, витаминот К нуди заштита од развивање на дијабетес тип 2. Железото пак, одржува високо ниво на енергија. Семките од тиква го подобруваат кардиоваскуларното здравје, простатата и штитат од одредени видови на рак. Тие се природен извор на триптофан, амино киселина која може да го подобри спиењето. Консумирајте ги без сол и непечени за максимално да ги искористите нивните придобивки.