Најдобра храна пред вежбање

Најдобра храна пред вежбање

Не е доволно да се одлучите што ќе вежбате, туку и што ќе јадете, бидејќи добрата линија започнува да се гради во кујна

Bраќањето во форма по завршувањето на летото, никогаш не е лесен ниту брз процес. Исто така, не е доволно да се одлучите што ќе вежбате, туку и што ќе јадете, бидејќи добрата линија започнува да се гради во кујна. Кога станува збор за вежбање, најважно е да имате доволно енергија за секојдневните обврски и за физичката активност. Тоа секако не значи дека треба да се прејадувате, ниту да гладувате. Всушност, најголемата грешка која многумина ја прават, е што не јадат ништо пред вежбање.

 

Зошто е важно да се јаде пред вежбање

 

Јадењето пред вежбање, не е само препорака, туку неопходност, бидејќи го зголемува нивото на енергија, која е потребна за оптимални фитнес резултати. Доколку редовно вежбате на празен стомак, може да изгубите мускулна маса. Причината за ова е дека кога сте гладни, телото се однесува како да преживува и го „влече“ протеинот од мускулите наместо од бубрезите и црниот дроб. Кога ова ќе се случи, се губи мускулна маса која може да го забави метаболизмот а со тоа го прави потежок процесот на губење на килограми, односно слабеење. Запомнете, храната е гориво и потребни се неколку промислени избори за да постигнете добри резултати. Ние ќе ви помогнеме со неколку предлози на видови на храна кои што се паметен избор за оброк пред вежбање.

 

Идеална храна пред вежбање

 

Овес

 

Овесот е вашиот најдобар пријател кога вежбате. Зошто? Бидејќи го одржува нивото на шеќер во крвта и нема да дозволи брз пад на енергијата. Всушност, истражувачи открија дека овесните снегулки ја зголемуваат издржливоста при вежбањето доколку се јадат околу три часа пред да започнете со вежбање. Исто така, овесот го поттикнува телото побрзо да топи маснотии за да ги „нахрани“ мускулите. Овесните снегулки се богати со антиоксиданси, хранливи влакна, а најмногу со бета-глукан. За додатна енергија направете една шолја овес 40 минути пред вежбање. Доколку додадете овошје во овесните снегулки, ќе ја збогатите хранливата вредност на оброкот а воедно ќе бидете хидрирани подолго време.

Оризови галети

 

Ако не сте многу гладни, наместо оброк одлучете се ужина пред да започнете со вежбање. Оризовите галети содржат прехранбени влакна кои што даваат чувство на ситост и се добри за дигестивниот систем. Јаглехидратите во состав на оризовите галети, го снабдуваат организмот со енергија. Може да ги јадете со разни намази, мед, хумус, зеленчук, или пак сирење и свежо овошје за да добиете здрава доза на калциум, витамин Ц и калиум.

 

 

Јогурт збогатен со семки и сушено овошје

 

Јогуртот содржи пробиотици кои служат за регулација на цревната флора, масти, протеини, јаглехидрати, витамини и минерали. Затоа е идеален напиток кој го поддржува вежбањето и активниот начин на живот. За дополнителна енергија, во јогуртот додајте здрави семки како ленено семе, интегрален сусам, семки од тиква и семки од сончоглед. Овој микс е вкусен и многу хранлив, бидејќи претставува богат извор на здрави масти, протеини, јаглехидрати, минерали и витамини. Одличен додаток на ова би било и сушено овошје, како на пример гоџи бобинките. Интересен податок поврзан со нив е оној дека тие содржат повеќе витамин Ц дури и од портокалот. Ги нарекуваат „среќни бобинки“ бидејќи човек се чувствува добро кога редовно ги консумира, зашто ја зголемуваат енергијата и издржливоста.

 

Смути

 

Смути е хранлив густ сок од овошје, зеленчук, полн со витамини. Најдоброто од сè е дека брзо се подготвува а ќе ве наполни со сила и енергија. Тој е едноставен да се направи, а сè што ви е потребно се свежи состојки и желба за експериментирање со вкусови. Ќе се изненадите колку необични вкусови може да се добијат. За зголемување на енергијата, добар избор е во напитокот да додадете банана. Зрелата банана содржи калиум кој ја регулира рамнотежата на течностите во организмот, додека растителните влакна кои што ги поседува, помагаат при одржување на здрав дигестивен тракт. Добар избор е да додадете една лажица ленено семе, самостојно или во комбинација со други семиња, како сончоглед, тиква и сусам. Најдобро е лененото семе да го употребувате сомелено, бидејќи на тој начин најдобро можете да ги искористите неговите лековити и хранливи својства.

 

Храна која треба да се избегнува

 

При изборот на храна, секогаш имајте на ум дека ако е здрав избор за храна, не значи дека е соодветен избор да се јаде пред вежбање. Така, два до три часа пред вежбање, избегнувајте храна која создава гасови, како грав или брокула, бидејќи може да се создадат стомачни проблеми.