Идеална храна за планинарење
Неопходно е да понесете храна којашто е долготрајна и практична за чување во ранец.
Есента е одличен период во кој на вашата агенда може да ги вклучите планинарењето и кампувањето. Освен добрата физичка подготвеност, квалитетната и топла опрема за искачување на планините и спиење под отворено небо, она што е исто така од голема важност за една планинска авантура е добрата подготовка кога станува збор исхраната. Важно е да добиете најмногу калории по тежина во вашата храна, но не на сметка на лоша исхрана.
Обидете се да направите баланс од протеини, јаглехидрати, здрави масти, влакна, витамини и други хранливи материи. Важно е да искомбинирате различна храна од којашто ќе ги добиете горенаведените хранливи материи. Истовремено, неопходно е да понесете храна којашто е долготрајна и практична за чување во ранец. Оттука, што треба да јадете пред, за време и по планинарењето?
„Вечерата е многу важен дел доколку одите на планинарење неколку денови“
Појадок
Здравиот појадок пред заминување на есенско планинарење треба да вклучува протеини, јаглехидрати и омега-3 масни киселини коишто ќе ви дадат енергија и сила за качување по планините, како и храна којашто ќе ве држи сити до ручекот. Појадокот може да вклучува свежо овошје, сушено овошје и зеленчук, овес и семиња.
Ручек
Доколку правите поголема пауза од планинарењето во која ќе можете да јадете поголем оброк фокусирајте се на внесување на протеини и јаглехидрати. Ручекот може да вклучува интегрален ориз и леб. Доколку пак ручекот го поделите на повеќе мали закуски во нив може да вклучите сушено и свежо овошје и јаткасти плодови како бадеми, ореви и лешници.
Вечера
Вечерата е многу важен дел доколку одите на планинарење неколку денови. Без разлика на тоа колку часови трае планинарењето, треба да внимавате да не вечерате многу доцна и во големи количини. Како добар избор за поголем вечерен оброк може да бидат тестенините или интегралниот ориз. Јаткастите плодови повторно може да бидат избор за храна во вечерните часови бидејќи овозможуваат квалитетен и добар сон.