Со исхрана до рамен стомак
Јадете храна богата со хранливи влакна за рамен стомак
Стомакот е еден од најпроблематичните делови за слабеење и често се мисли дека со вежби наменети само за стомак, ќе се изгуби вишокот на килограми наталожени во тој предел. Она што треба да се знае, е дека стомакот е одраз пред сè на навиките во јадењето. Надуен, опуштен или испакнат мал стомак – сите тие се производ на храната што ја внесуваме. На пример, надуен стомак може да укажува на нетолерантност на глутен или мал внес на производи коишто го помагаат варењето на храната. Опуштениот стомак се поврзува со внесување на големи количини на шеќер, леб, тестенини, алкохол и газирани пијалоци, додека мал и испакнат стомак, кој најчесто го имаат слабите лица, укажува на нередовен живот.
Рамниот стомак не е важен само од естетски причини, туку пред сè од здравствени. Воедно, не значи дека е единствено важно стомакот да е рамен. Телото може да се истошти и со брзи диети и детоксификациски методи, но вака постигнатите резлтати се опасни за здравјето и со краток рок. Рамниот стомак треба да биде одраз на дигестивно здравје, а тоа се постигнува со здрави животни навики и правилен начин на исхрана.
„Рамниот стомак не е важен само од естетски причини, туку пред сè од здравствени“
Не се прејадувајте
Прејадувањето многу често е знак на лоши навики коишто се провлекуваат од детството или пак лошо планирање на денот. Заради многубројните обврски, многумина го прескокнуваат оброкот или јадат нешто нездраво како бурек или некое друго пециво, за ручек работат, а за вечера се прејадуваат. На овој начин цело тело се оптоварува, сите органи работат напорно, а вие чувствувате голем замор, стомачна болка и летаргија. Се смета дека се потребни 20 минути за да се најадеме и сè понатаму е веќе прејадување. Јадете бавно и џвакајте го секој залак повеќе пати, со цел да избегнете прејадување.
Не го прескокнувајте појадокот
Многу истражувања кои докажуваат дека појадокот е најважниот оброк и дека само 4 проценти од луѓето кои што не појадуваат, успеваат да ја задржат телесната тежина на нормално ниво. Ако појадувате квалитетно, тогаш мали се шансите да се прејадете во текот на денот. Житарици, јогурт, сезонско овошје, постои навистина голем избор за здрав и квалитетен појадок. Видот на појадокот најмногу зависи од енергетските дневни потреби, некогаш ви епотребно само смути, додека некогаш ви е потребен обилен појадок полн со хранливи влакна, протеини и здрави масти. Корнфлексот, муслите и
„Појадокот е најважниот оброк, само 4 проценти од луѓето кои што не појадуваат, успеваат да задржат вита линија“
овесните снегулки содржат многу малку калории, па се смета дека се вистинскиот избор за појадок доколку планирате да слабеете. Нутриционистите препорачуваат дека појадокот треба да биде изеден најдоцна два часа после будењето.
Јадете храна со растителни влакна
Најновите истражувања посочуваат дека најефикасен начин за отстранување на стомачното сало е со внесување на храна којашто изобилува со хранливи влакна. Она што е интересно, е податокот дека најмногу помагаат растворливите растителни влакна коишто не само што ќе ви помогнат да имате рамен стомак, туку помагаат и во одржувањето на рамен стомак. растворливите растителни влакна делуваат како пребиотик што го поттикнува порастот на корисните микроорганизми во цревата.
Храната богата со растителни влакна ќе ве држи сити подолго време, без да почувствувате ненадеен пад на енергијата. Добро е секогаш блиску до вас да имате здрави грицки за да го заситите гладот привремено. Сушеното овошје содржи и железо и претставува идеален антиоксидантен коктел со витамини и бета каротен, кој се бори против слободните радикали. Содржи многу хранливи влакна и е одличен извор на антиоксиданси, особено полифеноли. Затоа, треба секогаш да ви е при рака. Здрави грицки се и јаткастите плодови коишто исто така изобилуваат со хранливи влакна. Здрава храна која што ќе ве засити е храна богата со протеини а сиромашна со шеќери. Големи извори на растворливи влакна се лененото семе, мешунките, житарици, овошје и зеленчук. Комбинацијата на здрави масти и големата количина на влакна, го прави лененото семе одлична храна за губење и одржување на телесната тежина. Консумирајте и интегрален ориз, бидејќи ја одржува телесната тежина, заради хранливите влакна кои што даваат чувство на ситост. Иато така, внесете го и овесот во вашата исхрана, бидејќи содржи несварлив скроб кој делува како растворливи растителни влакна.
Секако, не е најважно што јадете но и колку јадете. Бидете умерени во јадењето и пременете ги горенаведените совети, за да имате не само рамен стомак туку и добро дигестивно и целокупно здравје.