Корисноста и широката примена на лененото семе
Лененото семе не само што е многу хранливо, туку и може да се додаде на секоја храна или смути
Грижата за здравјето првенствено започнува со исхраната. Придобивките од лененото семе се веќе многу познати, и тоа сè почесто може да се најде како дел од секојдневната исхрана кај луѓето кои што се грижат за своето здравје. Лененото семе го чисти организмот од отровите, го штити срцето, го забрзува метаболизмот, го намалува нивото на шеќер во крвта и го намалува апетитот. Оваа низа е само почеток на позитивните здравствени придобивки од неговото консумирање.
Лененото семе и неговата примена во секојдневната исхрана
Најдобро е лененото семе да го употребувате сомелено, бидејќи на тој начин можете да ги искористите неговите лековити и хранливи својства. При консумирање, оптимално е семето да се сомеле непосредно пред употреба, а целите зрна може да се замрзнат и така да се чуваат една година. Лененото семе е идеален додаток во многу јадења, салати, мусли, леб, пецива, смути, природни сокови, буквално може да се комбинира со скоро секое јадење. Тоа идеално одговара во комбинација со други семиња, од кои најпознат е миксот од 4 семиња: лен, сусам, сончоглед и семки од тиква. Овој микс е богат извор на здрави масти, протеини, јаглени хидрати, минерали и витамини. Дневно препорачана доза е 1 до 2 големи лажици.
Лененото семе може да се искористи како замена за јајца при печење.
Исто така, од него може да се прави чај за слабеење. Неколку истражувања нагласуваат дека е покорисно да се консумира ленено семе наместо ленено масло, бидејќи маслото користи само дел од семето. Сепак, потребни се дополнителни истражувања за ова мислење да стане тврдење.
Корисноста на лененото семе
Сојузник при слабеење
Комбинацијата на здрави масти и големата количина на влакна го прави одлична храна за губење и одржување на телесната тежина. Исто така, помага и при намалување на воспаленија. Лененото семе содржи многу повеќе лигнани од било која друга растителна храна, поради што има антиоксидантни квалитети. Според една канадска студија, жените кои имаат зголемен внес на лигнани, имаат понизок индекс на телесна тежина – BMI и помалку масно ткиво. Додајте една до две лажици сомелено ленено семе во вашата супа, салата или смути, кои што се дел од вашиот диетален план.
За дигестивно здравје
Лененото семе е исклучително богато со растворливи и нерастворливи растителни влакна кои значително придонесуваат за добро дигестивно здравје, а воедно поседува и голема количина на магнезиум, кој му е многу потребен на организмот за забрзување на метаболизмот.
Помага при намалување на симптомите на менопауза
Растителните лигнани кога доаѓаат од лененото семе, ги намалуваат симптомите (брановите на топлина) на менопаузата. Исто така, лигнаните помагаат да се намали ризикот од остеопороза и го регулираат менструалниот циклус. Ова нивно дејство е благодарение на естрогенските својства што ги содржат.
Останати придобивки
Растителните лигнани од лененото семе се смета дека го намалуваат ризикот од рак. Лененото семе го намалува високиот холестерол, а благодарение на богатството од омега-3 масни киселини штити од срцеви заболувања. Исто така, лененото семе спречува воспаленија, богато е со есенцијални масла и многу витамини, кои помагаат за здрава коса, очи и кожа.